„БЕСА“ ПРЕГОЛЕМ ЗАЛАК ЗА ИНДИСПОНИРАНОТО „ОСОГОВО“

август 12, 2023
1 min read

По облачно, но мошне пријатно време за игра пред околу 500 гледачи „Осогово“ лошо ги отвори натпреварите во второлигашката конкуренција. Екипата на „Беса“ кој и пред натпреварот важеше за голем фаворит речиси без напори ја совлада индиспонираната екипа на Кочанскиот второлигаш.

Домаќините немаа игра за време на целиот натпревар, одбраната порозна, средина на теренот како да немаше па и напаѓачите немаа од кого да добијат употреблива топка.  Најдобар показател за слабата и анемична игра на „жетварите“ е податокот дека  за деведесет минути  тие упатија само еден удар кон голот Тофиловски кој заврши покрај дирекот. Кога ќе примиш четири гола на домашен терен а голманот Јованоски ви е најсветлата точка тогаш најдобро се отсликуваат настаните на теренот на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани.

За разлика од домаќините екипата на „Беса“ се покажа како одличен  состав кој во секој момент знаеше што бара во Кочани. Сите линии во енкопата на тренерот Александар Таневски функционираа беспрекорно па и резултатот од 4:0 (2:0) е повеќе од реален.

Гостите резултатот го отворија во 6’. По нафрлената топка од корнер во петерецот на домаќините најдобро се снајде Зани Назифи и со удар со глава ја погоди мрежата на домаќините. Во 37’ гостите го зголемија водството откако топката се одби од пречката на домаќините, на неа натрча Фитон Адеми и биеше во небранетиот дел од мрежата. Преостанатите два погодока паднаа во финишот на натпреварот а стрелец беше момчето од клупата Хамза Меметриза. Тој во 78’ доби топка во празно излезе сам пред голманот Јованоски и со лоб удар постигна прекрасен гол. Сепак последниот погодок за гостите инаку втор за Меметриза беше мало ремек-дело. Откако во 90’ ја прими топката на работ од шеснаесетникот, откосо  биеше во спротивниот горен десен агол на немоќниот Јованоски.

Се на се заслужена победа на гостите, а на домаќините им претстои голема работа на тренинзите доколку сакаат да ги исполнат ветувањата дадени за време на подготовките дека „Осогово“ ќе се бори за средината на табелатаа во најмала рака ќе обезбеди опстанок во второлигашкото друштво.

Комплетни резултати од првото коло:

Осогово – Беса  0:4

Башкими – Охрид  1:0

Победа – Тетекс  5:1

Беласица – Пелистер  0:2

Новаци – Аресими  2:0

Каменица Саса – Скопје  1:1

Детонит Плачковица – Вардар (Н)  1:0

Кожуф – Караорман  3:0

Во следното, второ есенско коло „Осогово“ му гостува на „Тетекс“.

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ